„Животот ти е на дланка, оствари ги своите сни“.
ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје, библиотека „Другарче“ по повод престојниот празник „Св. Кирил и Методиј“ организираше литературен натпревар за учениците од основните училишта во Скопје на тема: „Животот ти е на дланка, оствари ги своите сни“. Поради пандемијата на вирусот КОВИД 19 конкурсот се реализираше преку испраќање на литературните творбите на е-mail, а завршната приредба на доделување на награди на најдобрите оваа година нема да се одржи. Наградите ќе бидат врачени на едно одговорно лице од соодветното училиште, се разбира со почитување на мерките за заштита од епидемијата (одговорните ќе бидат известени телефонски и преку е-маил). Оваа година пристигнаа 68 литературни творби (поезија и проза). Добитници на Гран при наградите се Деа Деспотовска VII 3 одд. од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ (поезија) и Матеа Најдоска IX 1 од ООУ „Јоаким Крчовски“ (проза).
...Секое ново изгрејсонце
нова надеж нека роди,
а во секој нов ден
само добра мисла да ме води.
Сонцето очите ми ги отвори
да ја видам убавината,
да ме погали сончевината
со утринската роса
по меката свилена коса...
...Да полетам кон небото,
Да ги допрам висините,
Да ги осознаам вистините.
Само одвреме навреме назад да се свртам,
како птица кон своето гнездо.
Ново јато пронајдов,
Летам храбро, неуморно.
Сонот што го сонував
да го досонувам...
Деа Деспотовска – VII 3 одд.
ООУ „Јохан Х. Песталоци“